Протест на родителите на децата со специјални потреби

20.04.2017 14:56

Протест пред Законодавниот дом на родителите на децата со специјални потреби. Бараат изменување на законот со отворање на дневни центри и вработување соодветен персонал. Ресорниот министер вели дека има можност за остварување на барањето.

Отворање дневни центри, стручен кадар кој ќе помогне во грижата за децата со посебни потреби, квалитетна терапија- се само дел од проблемите со кои се соочуваат овие луѓе. Во разговорот со министерот за труд и социјална политика посочија дека дел од нивните барања можат да бидат брзо решени.

„Дали во Македонија има дневен центар со даунов синдром? Не постои. Во денешно време да не постои дневен центар за даунов синдром нели е срамота?“, вели еден родител.

„Јас кажав во Македонија ќе отвориме 4- 5 регионални центри кои ќе бидат сеопфатни буквално низ цела Македонија“, рече Ибрахим Ибрахими, министер за труд и социјална политика.

„Потребата на овој град со толку многу жители, потреба е да има дневни центри за одредени категории на посебни потреби, бидејќи голем е бројот на децата со посебни потреби“, вели родител на дете со посебни потреби.

Родителите предлагаат и решенија. Велат, сакаат да бидат партнери со институциите.

„Еден од законите кои ги бараме е државата да биде покровител на нашите деца. Да го искористи нашиот имот, по мојата смрт, државата сакам мојата куќа во Штип да ја искористи за бенефит на моето дете. Бидејќи ако јас и мојата сопруга починеме роднините ќе го разделат имотот, а моето дете ќе заврши во Негорци, Бардовци, Демир Капија, а нашите деца не се за таму“, изјави Зоран Мијалков, родител.

„Што поскоро да се направи промена на законите, на подзаконските акти, на сите правилници каде што полесно ќе можеме да се снаоѓаме во системот“, рече Ребека Јанковска – Ристески, родител.

Министерот за труд и социјална политика вети дека најголем дел од барањата ќе бидат исполнети.

„Во делот на условите, нивното здружение може да биде вклучено во регистарот кој што ние го водиме и заеднички да изнајдеме решение за отворање на нови дневни центри низ републиката, а не само во скопје кои ќе можат да бидат самоодржливи“, изјави министерот Ибрахими.

Родителите најавија дека три дена ќе кампуваат во паркот „Жена борец“ , за да го привлечат вниманието на политичарите.

 

Андријана Атанасовска