Преку дебата до клучни одлуки

07.06.2017 16:10

Синоќа на Македонската телевизија премиерот Зоран Заев имаше прво соочување со јавноста. Во отворената програма на јавниот сервис беа поканети уште девет медиуми. Се бараа одговори за идното функционирање на новата Влада, на прашања поврзани со внатрешната и надворешната политика, и економијата...

Дебати и експертски решенија за клучни позиции најави премирот Зоран Заев во телевизиското интервју на јавниот сервис, каде прашуваа повеќемина уредници на медиуми. Како и за прв човек на Управата за безбедност и контраразузнавање, така Заев посакува независен експерт и на местото Јавен обвинител по Зврлевски. Ветува дека нема да се меша во правосудството.

„Експертско решение кое со својата независност ќе се наметне во општеството, да пркоси на секакви влијанија, да биде транспарентен и да коментира сѐ што треба да биде коментирано од негова страна и да биде повикан за да го коментира тоа“, изјави премиерот Заев.

Градење пријателство без провокации- стратегијата на новата Влада за решавање на спорот со Грција која го блокира влезот на Македонија во НАТО и Европската унија. Оптимист е дека земјава под привремената референца ќе биде примена во НАТО, а разговорите со Грција ќе продолжат. Рече дека и Македонија има црвени лини кои треба да се додефинираат.

„Два се начините- или решение на проблемот, или под привремената референца да влеземе во НАТО, а да продолжиме преговори со Грција, за проблемот Грција што го има со нашето уставно име, за нашето интегрирање во Европската унија. Реално тие знаат дека подеднакво иста аспирација за нас е Европската унија“, нагласи Заев.

Просечната плата од 500 евра премиерот Заев верува дека може да биде реалност во 2019-та, а до крајот на мандатот минималната плата да се искачи на 16.000 денари. Пензионерите, рече Заев ќе добиваат повисока пензија во зависност од зголемувањето на цената на потрошувачката кошничка. Според него, ќе се работи на привлекување на странски инвеститори, но под еднакви услови како и за домашните фирми.

„Во конструкција на својата расходна политика на самиот буџет, не може да се направи пресек и да се каже- од денеска не земаме кредити. Тоа го знаат верувам сите, не мора да се биде економист. Зошто- ако во моменот не се земе кредит, за да се врати рата од кредит, Македонија нема ресурси тоа да го направи, таква е состојбата. Дури, се алиментира преку кредити делови за пензии и за плати“, изјави премиерот Заев.

Во интервјуто на МТВ, за критиките за Рамиз Мерко дека е не соодветно решение за привлекување странски инвестиици и задолжен за дијаспората, Заев одговори дека поранешниот градоначалник на Струга е само еден во тимот кој има добри контакти со албанската дијаспора и може да работи во убедувањето странски инвеститори да вложат во земјава.

Миле Ристески