Македонските ракометари убедливи против Чешка за потврда на пласманот на ЕП 2018

19.06.2017 08:49

Предводени од капитенот Кирил Лазаров кој мечот го заврши со 11 голови, „црвено-жолтите“ во текот на сите 60 минути ја имаа контролата на резултатот и во ниту еден момент не ја доведоа победата во прашање.

Македонија ја победи Чешка со убедливи 33:20 и го освои првото место во четвртата група во квалификациите за Европското првенство 2018 во Хрватска.

Предводени од капитенот Кирил Лазаров кој мечот го заврши со 11 голови, „црвено-жолтите“ во текот на сите 60 минути ја имаа контролата на резултатот и во ниту еден момент не ја доведоа победата во прашање.

Нападот беше одличен, Македонците погодуваа од сите позиции, на моменти и со атрактивна игра и „цепелини“, а одбраната засилена со повратникот Ацо Јоноски ги одбиваше атаците на Чесите. Голманот Борко Ристовски бранеше „зицери“ и сето тоа на крајот резултира со убедливи плус 13.

Доминацијата на нашите ракометари на 15-ина минути пред крајот беше изразена со двоцифрена предност (25:15), што беше убава можност селекторот Раул Гонзалес да им даде шанса за настап и на резервните играчи.

Од репрезентацијата вечерва се прости Влатко Митков кој доби овации од преполниот СЦ „Борис Трајковски“.

На другиот натпревар од 6.коло во оваа група, Исланд на домашен терен ја совлада Украина со 34:26.

Македонија го освои првото место на табелата и ќе се најде во попривилигиран шешир при ждребот за ЕП. Чешка како втора ЕП оди во Хрватска, а пласман на евро-шампионатот обезбеди и Исланд, како најдобра трето пласирана репрезентација од седумте квалификациски групи.

Табела: 

Македонија- 7 бода,

Чешка- 6,

Исланд- 6,

Украина- 5.