Нов терористички напад

19.06.2017 12:35

Нов терористички напад во Британија. Едно лице загина, а десетина се повредени во Лондон откако во нив влета возило...

Британската престолнина повторно цел на терористите. Овој пат настрада муслиманската заедница. Мртви и повредени пред џамија во северен Лондон откако маж влетал со комби во група верници.

„Уште еден напад во главниот град остави многумина со сериозни повреди. Ова се третира како терористички акт, и истрагата ја водат единиците за контратероризам. Нападнат е Лондон и сите граѓани, така што сите заедно треба да му се спротивствиме на екстремизмот“, изјави Нил Басу, заменик-комесар на полицијата.

„Дојде бело комби, прегази шестмина. Еден човек почина. Напаѓачот се обиде да побегне, но луѓето го опколија, не го тепаа, само го опколија. За мене ова е терористички напад, и не сакам да ме убедуваат дека човекот имал психички нарушувања и слично.“

„Додека излегувавме, влета комби, и наместо да вози по улицата, намерно се втурна во луѓето. Имам и фотографија од него. Тој го стори ова“- велат очевидци на нападот.

Муслиманската заедница и претходно беше цел на напад. Во последните четири месеци, Обединетото Кралство се соочи со четири крвави терористички инциденти. Додека се справува со проблемите на домашен терен и опасноста од спроведување на екстремистичката идеологија, владата во Лондон ги почнува преговорите за излез од ЕУ. Преговарач од британската страна е државниот секретар за Брегзит Дејвид Дејвис, а Брисел го застапува Мишел Барние, главниот преговарач на Европската комисија.

„Најважно е сега да гледаме напред и да размислуваме за иднината, новите партнерства кои сакаме да ги основаме со пријателите“, изјави Борис Џонсон, министер за надворешни работи на Обединетото Кралство.

Се очекува Велика Британија да ја напушпти Унијата на крајот на март 2019-та година, две години откако на 29-ти март премиерката Тереза ​​Меј ја активира постапката за излез.

 

Маја Филдишев