Граѓанската иницијатива „5 до 12“ повторно ќе кампува

19.06.2017 13:45

Граѓанската иницијатива „5 до 12“ повторно ќе кампува во паркот „Жена борец“ во Скопје. Пред Собранието тие велат- ова е единствен начин на овие лица со посебни потреби да им се реши неопходното место во општеството. Ресорните министри, според нив, треба да дојдат и конечно да се запознаат со барањата на иницијаторите.

Граѓанската иницијатива „5 до 12“ повторно кампува пред Собранието. Шаторите ќе се постават утре изутрина. Барањата се срочени. Да се избрише границата од 26 години во законите за здравствено осигурување и социјална заштита, луѓето со посебни потреби да имаат право на бесплатни лекови и на посебен паричен додаток, се само дел од приоритетите кои оваа иницијатива ги испорача до надлежните министерства.

Во борбата за подобар живот, добредојдена е помошта од секој- велат организаторите. Ги повикаа ресорните министри да дојдат во кампот и да ги слушнат нивните проблеми.

Во наредните три дена ќе се организираат работилници, изложби и консултации за поребните измени на законските и подзаконските акти, а кои произлегуваат од нивните барања.

Иницијативата смета дека со тоа ќе се подобри живот на луѓето со попреченост.

 

Викторија Милевска