Стартуваа преговорите

19.06.2017 14:06

Почнаа преговорите за излез на Велика Британија од ЕУ. На прво место ставени се правната сигурност на граѓаните на Велика Британија...

Денеска во Брисел почнаа преговорите за излез на Велика Британија од Европската унија. На прво место ставени се правната сигурност на граѓаните на Велика Британија, во и надвор од нејзините граници, економската стабилност на интернационалните компании и границата со Ирска, потенцираа преговорачите на официјален Лондон и на неформалната влада на Европската унија.

„Денеска ги започнуваме преговорите за излегување на Велика Британија од ЕУ. Нашите насоки се јасни, прво мора да почнеме од несигурности кои произлегуваат од Брегзит. Прво за граѓаните, финансиските договори и особено за границите, посебно за Ирска. Се надевам дека денеска ќе ги идентификуваме приоритетите што ќе ни овозможи подоцна ова недела, заедно со Европскиот совет да почнеме конструктивно отворање на преговорите“, изјави Мишел Барние, главен преговарач на Европската комисија за Членот 50.

„Во предизвикувачкиот период кој следи, ние ќе направиме сѐ што можеме во најдобар интерес на сите граѓани. Денеска ги започнуваме преговорите во позитивен и конструктивен дух, одлучени да градиме силно и посебно пријателство меѓу нас, сојузниците и ЕУ во иднина“, рече Дејвид Дејвис, државен секретар на Велика Британија за излез од ЕУ.

Ова се трите клучни прашања на кои инсистираа членките на ЕУ, иако претходно Велика Британија инсистираше на паралелни преговори за идните односи со Унијата. Во оваа, прва фаза, треба да бидат утврдени сите обврски кои официјален Лондон ги има спрема ЕУ. Преговарачот на Европската унија, Барние очекува оваа фаза да биде завршена до крајот на годинава, и доколку се констатира напредок, ќе се започне со паралелните договори за односите меѓу Лондон и Брисел.

Британскиот секретаријат за Брегзит соопшти дека очекува двете фази да бидат што поскоро усогласени, иако намалувањето на парламентарното мнозинство на премирката Тереза Меј на изборите минатата недела, може да предизвика непредвидени усложнувања на тековните процеси.

„Најважно е сега да гледаме напред и да размислуваме за иднината, новите партнерства кои сакаме да ги основаме со пријателите“, изјави Борис Џонсон, министер за надворешни работи на Обединетото Кралство.

Разделабата меѓу Лондон и Брисел по 44 години почна со ланскиот референдум. Тереза Меј го активираше членот 50 во март годинава.

 

Марина Стојанова- Тонева, постојан дописник од Брисел за МРТ