Нов терористички напад во Лондон

19.06.2017 14:23

На денот на почнувањето преговори за напуштање на Велика Британија на ЕУ, му претходеше нов терористички напад во Лондон. Едно лице загина, а десетина се повредени во близина на џамија, откако во нив влета возило. Премиерката Меј одново свика вонреден состанок поради инцидентот.

Британската престолнина повторно цел на терористите. Овој пат настрада муслиманската заедница. Мртви и повредени пред џамија во северен Лондон, откако маж влетал со комби во група верници.

„Дојде бело комби, прегази шестмина. Еден човек почина. Напаѓачот се обиде да побегне, но луѓето го опколија, не го тепаа, само го опколија. За мене ова е терористички напад, и не сакам да ме убедуваат дека човекот имал психички нарушувања и слично“.

„Додека излегувавме, влета комби, и наместо да вози по улицата, намерно се втурна во луѓето. Имам и фотографија од него. Тој го стори ова“, велат очевидци на нападот.

Властите го осудија нападот и повикаа на смиреност.  

„Ова е ужасен напад. 48-годишниот осомничен маж беше притворен од храбрите граѓани. муслиманите беа нападнати во близина на нивниот храм. И овој напад, како и сите терористички, има за цел да не раздели“, изјави премиерката Тереза Меј.

„Им порачувам на сите граѓани да бидат смирени, но внимателни. Засилено е полициското присуство во целиот град, особено околу верските храмови. Сакаме сите да продолжат да живеат нормално, без страв“, рече градоначалникот на Лондон, Садик Кан.

„Службите одговорија мошне брзо. Полицијата го уапси осомничениот напаѓач кој го веозел комбито. Ова е сериозен напад. Возилото влетало во група луѓе кои му помагале на веќе повреден човек. Тие се враќале од џамија, сега се слави Рамазан“, изјави лидерот на Лабуристите, Џереми Корбин.

Муслиманската заедница и претходно беше цел на напад. Во последните четири месеци, Обединетото Кралство се соочи со четири крвави терористички инциденти. 

 

Маја Филдишев