Неопходни се темелни реформи во правосудството

19.06.2017 14:56

На Република Македонија и се неопходни темелни реформи, особено во правосудниот систем, со што ќе и се отвори патот на земјата за членство во Европската унија и НАТО. Ова беше потенцирано на отворањето на еднонеделната Школа на природно право што се одржува во Охрид, во организација на Македонската академија на науките и уметностите и Амбасадата на Соединетите Американски Држави.

Ургентна потреба на нашето општество е еднаш да заврши со процесот на транзиција и да веле во процес на стабилност, обезбедена од демократски институции. Доволни беа поуките што ги извлековме во изминатите три години од тоа што значи да немате стабилни судски институции, ефикасно јавно обвинителство и да има партизација на институциите.

„Тоа не е задача само на новата влада, туку тоа е важна општествена задача за целото македонско општество. Таа е дефинирана со итните реформски приоритети што оправдано од нас ги бара ЕУ, како чекор за враќање на патот кон евроатланските интеграции“, изјави академик Владо Камбовски.

„Борбата за реформи и за напредна Македонија нема алтернатива. Владеењето на правото е најголем гарант на слободата и правдата, клуч за заштита на општеството од хаос и на демократијата од тиранија“, рече американскиот амбасадор во земјава, Џес Бејли.

Во правосудството се потребни темелни реформи, да се отвори процес за негово возобновување и прочистување.

„Ако во таа област не се направат одредени промени во било која друга област нема да има своја смисла. Со други зборови судството ќе биде во центарот на дебатата на оваа школа од гледиште на природното право“, смета проф. д-р Светомир Шкариќ.

Покрај редефинирањето на правниот систем, потребно е да се отворат и одредени прашања во економскиот, од аспект на регулативата.

„Секако треба многу нешта да се редифинираат, внатре систематски. Прво да се создадат такви тела кои одговараат на приликите специфични кај нас. Второ, тоа што е создадено нормативно треба дасе најде начин како да се примени, да речеме системот на контрола на јавните финансии веќе воспоставен нормативно во 2010 година“, вели академик Абдулменаф Беџети.

На отворањето на Школата за природно право беше упатена порака до политичарите дека науката и општествената мисла треба активно да бидат вклучени во процесот на општествените промени, кои што треба што поскоро да започнат.

 

Сашо Нелоски