Акциски план за реформите

19.06.2017 16:09

Владата ја подготвува драфт верзијата со итните реформи за напредок во евроинтеграциите. Треба да бидат готови до понеделник...

Спроведување на итните реформски приоритети во согласност со очекувањата на нашите меѓународни партнери од еу и трасирање на патот за реализација на акцискиот план. Се подготвува драфт верзијата што ќе му биде презентирана на еврокомесарот Јоханес Хан, при неговата посета во понеделник.

Исполнување на условите за спроведување на фер и демократски локални избори и подобрување на добрососедските односи, се дел од краткорочните мерки. На среднорочен план треба да се работи на реформите посочени од експертскиот извештај на Прибе за да може да се тргне условена препорака, да се добие позитивен извештај и датум за почеток на пристапните преговори со ЕУ, вели вицепремиерот Османи.

„Формиравме ад- хок експертска комисија која подготвува еден акциски план за тоа што можеме ние да реализираме за да ги исполниме очекувањата на нашите меѓународни партнери“, изјави Бујар Османи, вицепремиер за европски прашања.

Османи е уверен дека во иднина, како што рече, ни се отвора прозорец на големи можности на патот кон евроинтеграциите, со оглед на тоа што во наредниве три циклуси со Унијата ќе претседаваат земји од регионот.

„Гледаме прозорец на можност да се фатиме на таа енергија, на таа позитивна клима за да можеме да испорачаме што е можно побрзо и да можеме прво да ја тргнеме оваа условена препорака“, изјави Османи.

Вицепремиерот очекува дека Рамковниот договор и решавање на проблемот со името, кој што според него е и емоционално прашање, не треба да се користат во дневнополитички цели. Овие прашања треба да бидат предмет на консензус на власта и опозицијата, невладиниот сектор и на другите фактори во општеството.

Османи најави дека за првпат на владина седница ќе присуствува и еврокомесар, што е показател на силната посветеност на извршната власт за побрзо пристапување во евроатлантските институции.

 

Игор Панов