Тања Чаловска и Бошко Лепчески - невеста и зет на „Галичка свадба 2017“

05.07.2017 14:36

Годинава судбоносното „да“ на Галичката свадба ќе го кажат невестата Тања Чаловска и Бошко Лепчески. Повеќе од пет илјади посетители од земјава и од странство ќе имаат уникатна можност да бидат сведоци на над 30 автентични свадбарски обичаии и ритуали проследени со изворни Галички песни. Галичката свадба ќе се одржи на 15-ти и 16-ти месецов...

Двајцата имаат галичко потекло, таму се запознале пред седум години, а идната недела ќе ја крунистаат љубовта. Свадбарските обичаи им се познати, бидејќи секое лето со родителите биле дел од оваа манифестација. Тања ќе носи семејна носија стара еден век, необлечена повеќе од 50 години.    

„Веќе 15 години учествувам на галичката свадба, секоја година ми беше се поголема желбата еден ден и јас да бидам галичка невеста. Задоволството е големо бидејќи ќе ја продолжам традицијата на моите предци што со години ја граделе“, вели Тања Чаловска- невеста на Галичка свадба.    

„Нема поголема чест и задовослтво за еден македонец да продолжи една ваква вековна традиција со која се афирмираат нашите обичаи во традиционална носија, со традиционални македонски песни во едно библиско место како што е Галичник“, изјави Бошко Лепчески- младоженец на Галичка свадба.

150 учесници облечени во Галички носии ќе бидат дел од манифестацијата. Со китење на бајракот и со фрлање на три пушки, ќе се означи почетокот на Галичката свадба. Централниот настан е в недела, на 16-ти со венчавка на младите  во црквата „Свети Петар и Павле“.  

„Галичката свадба е театараска претстава која се одржува два дена на повеќе од десет локации кои меѓусебно се оддалечени од два до три километри.  Сето тоа треба да се синхронизира и да тече како на филмска лента. Годинава во предвечерието на свадбата како новина воведуваме и рокенрол концерт кој го нарековме рокенрол пречек за зурлите и тапаните“, изјави Александар Костиќ- претседател на Месна заедница Галичник.

Организаторите на Галичката свадба очекуваат да дојдат повеќе илјади туристи, оваа манифестација е поддржана и од Министерството за култура.

„Министерството за култура има за цел таа поддршка да биде структурна, да биде обмислена и да биде системска, бидејќи Галичник не е познат само по Галичката свадба, таму има многу културни објекти, многу значајни архитектонски дела, големи и важни приказни од традицијата на Македонија“, изјави Петрит Сарачини- советник во Министерството за култура.

Галичката свадба ја чува традицијата од минатото поврзана со Петроведен и свадбите кои на тој празник ги правеле печалбарите од Мијачкиот крај.

 

Андријана Атанасовска