Поддршка за интеграциите

11.07.2017 10:41

Американскиот потпретседател Мајк Пенс имал 15- минутен телефонски разговор со македонскиот премиер Зоран Заев...

„Американскиот потпретседател Мајк Пенс ја нагласи континуираната поддршка на САД за евроатланските аспирации на Македонија и го охрабри Заев да ги приоритизира реформите со кои Македонија ќе напредува на овој пат“, ова стои во официјалното соопштение од Белата куќа за 15-минутниот телефонски разговор што на барање на американскиот потпретседател се случил со македонскиот премиер Зоран Заев. 
 
Пенс му честитал на Заев за преземањето на функцијата на 31-ви мај и изразил задоволство што ќе се сретне со лидерите од Западниот Балкан на самитот на Јадранската група во Подгорица, Црна Гора на 2-ри август. 
 
Веднаш по телефонскиот разговор со македонскиот премиер, американскиот потпретседател имал телефонски разговор со грчкиот премиер Алексис Ципрас, на кој биле потврдени силните врски меѓу Грција и САД. Пенс му честитал на Ципрас за економското опоравување на Грција, за улогата за стабилноста на регионот, придонесот во НАТО и воената соработка со Америка. 
 
Двајцата лидери изразиле жалење за неупешните преговори за обединување на Кипар. Пенс упатил покана до грчкиот премиер да го посети Вашингтон, што била прифатена од Ципрас и која се очекува да се случи во блиска иднина.
 
Посета на американскиот потпретседател Мајк Пенс на Подгорица во август, ќе биде прва официјална посета на регионот на висок претставник на администрацијата на претседателот Доналд Трамп.
 
Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ