Хрватска го измени спорниот правилник

10.08.2017 17:38

Хрватското министерство за земјоделство го менува правилникот за фитосанитарна контрола на овошјето и на зеленчукот увезени од држави што не се членки на Европската унија. Ова следува по реакциите на земјите од Западен Балкан, вклучително и Македонија кои директно беа погодени со ваквата одлука со која цените на инспекциите беа зголемени за над 20 пати. Надлежните од земјава со став – позитивна вест за компаниите...

Хрватска го измени спорниот правилник за фитосанитарна контрола. Цените за инспекцискиот надзор на овошјето и зеленчукот увезени од држави што не се членки на ЕУ повторно се враќаат на 90 куни или 12 евра, реши министерот за земјоделство Томислав Толушиќ.

„Правилникот ќе биде објавен утре. Со соседните земји е договорено да нема трговски блокади на границите, а во натамошната соработка ќе се анализираат цените на инспекциските надзори во регионот за да се осигури заштитата на потрошувачите и конкурентноста на производителите на начин кој нема да влијае врз трговската размена“, стои во соопштението од хрватското министерство за земјоделство.

Одлуката на Толушиќ следува по жестоките реакции на земјите од Западен Балкан кои директно беа погодени со одлуката донесена на 15-ти јули. Заклучоците донесени на министерскиот состанокот во сараево во понеделникот беа испратени до Европската комисија и до Хрватска.

Враќањето на старите цени за инспекциски контроли е позитивно за македонските компании велат од министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

„Повлекувањето на правилникот е резултат на брзата реакција на министерството, за што поскоро да се најде решение за проблемот со кој се соочија македонските извозници во хрватска, по најавите за зголемување на трошоците за контроли при извоз во оваа земја. Ова е заднички успех на Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора и доказ за посветеноста на регионот на Берлинскиот процес и градењето на заедничка економска област“, наведуваат од земјоделство.

Пред два дена и хрватскиот премиер Пленковиќ рече дека пропишаните цени се превисоки и побара од министерот Толушиќ да го реши проблемот во најкус можен рок. Со правилникот се предвидуваше цените на инспекциите да бидат зголемени за над 22 пати. Следниот месец е договорен состанок на надлежните министри од регионот во Скопје. Ќе разговараат како да се отстранат бариерите кои ја загрозуваат слободната трговија на добра.

Сунчица Николоска