Продолжува борбата со огнените стихии

11.08.2017 14:58

Продолжува борбата со огнените стихии во земјава. Изутрината повторно критично беше кај манастирот „Успение на Пресвета Богородица“, во месноста Трескавец кај Прилеп. Нов пожар се појави во Струшко. Трета недела гори во националниот парк Јасен во близина на Македонски Брод. Таму и во Чашка се уште е во сила вонредната состојба...

Иако повторно се разгоре пожарот кај манастирот „Успение на Пресвета Богородица“ во месноста Трескавец кај Прилеп, по интервенцијата на противпожарната бригада, месното население, вработени во прилепските претпријатија, беше ставен под контрола.

Пожарот според првичните информации се појавил кај предавателите во близина на манастирот. Велат, во прашање е повторно човечки фактор. Од Центарот за управување со кризи уверуваат- не постои опасност од загрозување на манастирот. Велат дека пожарите кај Трескавец и на околните населени места се контролираат. Се уште се активни пожарите до село Крушевица, кој е на непристапен терен и кај село Никодин. Нов активен пожар има во Струшко.

Во општина Македонски Брод, во моментот е активен пожарот во атарот на Грешница, а пожарите Растеш, Волче, Заград и Брест се ставени под контрола. Активен е и пожарот на Бистра планина и кај Јасеновска глава. Гори нискостеблеста шума и сува трева. За гасење покрај шумското стопанство „Бабуна“- Велес интервенира и хелихоптер на АРМ. Активен е и пожарот кај селото Галиште, Кавадаречко, кој се шири, велат од ЦУК.

Пожарот кај Мушов гроб– Мрежичко е ставен под контрола. Активен е и пожарот во Гургурница, општина Брвеница. Овде интервенираат екипи на Македонски шуми, Дирекцијата за заштита и спасување и лица од месното население. Активен е и шумскиот пожар во с. Балиндол над рудникот.

Засилени се превентивните мерки. МВР ќе ги санкционира сите лица кои ќе постапат на законските одредби и намерно ќе предизвикаат пожар.

 

Наташа Гркова- Петрушевска