Уапсени две лица поради аферата со контаминирани јајца

11.08.2017 15:23

Не обвинувајте се меѓу себе- Брисел ќе работи на расчистување на аферата со затруените холандски јајца. Досега од 11 земји на Унијата е увезен овој живинарски производ. Холандската полиција почна да апси...

Двајца се приведени во Холандија под сомнение дека го користеле инсектицидот фипронил на живинарските фарми. Обвинителот најавува дека уапсените можат да добијат 15 години затвор. Случајот се шири низ Унијата, контаминираните јајца биле продавани во најмалку 11 земји- членки. Околу 20 милиони тони се веќе продадени во Данска. Се уништува живината во спорните фарми.

„Ова е голем случај. Анализите кои ги направивме покажаа дека нивото на фипронил во овие јајца е над дозволеното“, изјави Николас Хоув, данска администрација за храна и ветерина.

180 холандски фарми за живина се привремено затворени. Во Европската унија има забрана за употреба на фипронилот кај растенијата и кај животните кои ги консумираат луѓето. Брисел побара да не се злоупотребуваат информацииите и да се избегнува напаѓање меѓу земјите- членки за аферата.

„Комисијата ќе свика состанок на високо ниво со министерите и претставниците на релевантните власти на сите земји- членки кои се засегнати со прашањето за контаминираните јајца. Како датум е предложен 26-ти септември. Целта е да се извлечат релевантни поуки и да се разговара за подобрување на ефикасноста на системот на Унијата за справување со прашањата поврзани со безбедноста на храната. Ситуацијата се уште се развива и наш приоритет е да контролираме, да се координираме и да ги смириме нашите граѓани“, изјави Мина Андреева, портпарол на Европската комисија.

Светската здравствена организација го класификуваше фипронилот за умерено штетен инсектицид кој може да предизвика повраќање главоболки и болка во стомакот кај луѓето.

 

Андријана Атанасовска