Викендов почнува „Македокс“

16.08.2017 15:21

На 19-ти август почнува осмиот филмски фестивал на креативен документарен филм „Македокс“. Аплицирале 2.791 филм од 120 држави, но во програмата на фестивалот ќе има само 68 филма кои помалку користат говор, а повеќе раскажуваат со своите слики...

Со македонската премиера на документарниот филм „Со љубов“ в недела на платото пред Куршумли- ан ќе биде отворен фестивалот „Македокс“. Филмот e во режија на Илија Цветковски и ќе се прикажува во програмата млади автори. За седум дена љубителите на документарни филмови ќе можат да погледнат 68 остварувања.

„Сите овие филмови ги одбравме затоа што се многу убаво визуелно раскажани, не се класични документарни филмови со многу зборување, не води визуелната нарација. Горди сме што оваа година се зголеми бројот на документарни филмови од млади автори“, изјави Петра Селишкар- селектор на филмската програма на фестивалот „Македокс“.

Оваа година фестивалот ќе биде фокусиран на визуелната нарација, следејќи ја познатата изрека „Една слика вреди илјада зборови“.

„Не само поради тоа што таа е директно врзана со филмот, туку затоа што сметаме дека очите се важен орган за сите нас за да го видиме сето она што не опкружува, а исто така, да ги видиме сликите кои што се внатре во нас. Оваа година посебно сакаме да посветиме внимание на очите на снимателте, односно на директорите на фотографија“, изјави Петрула Вељановска, дел од тимот на фестивалот „Македокс“.

Програмата содржи и документарни филмови за деца кои ќе бидат прикажани во медиа- центарот на црквата Свети Спас.

„Во програмата има голем број на филмови кои би сакале децата да ги погледнат заедно со своите семејства. Еден од тие филмови е нормален аутистичен филм кој ќе биде прикажан на 24-ти август. Сакаме да ги поканиме сите фамилии кои имаат аутистичен член, а после филмот ќе дискутираме за нивните предизвици и секојдневие како тие живеат и колку тој филм може да им помогне“, вели Дарко Набаков, дел од тимот на фестивалот „Македокс“.

Во фокусот на годинашниот „Македокс“ е Грузија бидејќи изобилува со стара и напредна кинематографија. Ќе бидат доделени награди за најдобар филм, најдобар филм на млад автор, а за првпат ќе биде доделена и наградата за краток документарен филм.

 

Андријана Атанасовска