Рамноправна поддршка за компаниите

13.09.2017 16:38

Реципроцитет во мерките со соседните земји, особено за процедурите, средствата и за времето потребно за регистрација на некој производ- бараат бизнисмените. На крајот на месецот ќе почне проект на дуално средно образование инициран од странските компании, членки на Македонско- германското стопанско здружение за да се надополни потребата од стручна работна сила...

На 27-ми септември ќе почне проектот на дуално средно образование инициран од странските компании членки на Македонско- германското стопанско здружение, за да се надополни потребата од стручна работна сила, по урнекот на германската и австриската практика. Во повеќе од 200 германски компании кои работата во земјава вработени се над 15 илјади лица, а најголем дел од произведеното се извезува.

„Ги поддржуваме тие активности. Работиме на стандардизација и хармонизација и работиме на донесување на обучувачи во Македонија кои што ќе работат на обука на други обучувачи во претпријатијата во Македонија“, изјави Патрик Мартенс, претседател на Македонско- германското стопанско здружение.

Владата ќе креира амбиент и мерки кои што ќе овозможат раст на компаниите, при што сите инвеститори без оглед дали се домашни или странски ќе бидат еднакво поддржани, порача вицепремиерот Кочо Анѓушев, најавувајќи нов пакет мерки кој ќе биде насочен кон стимулирање на резултати, а не на бизнис- идеи и планови. Сите договори со странските инвеститори ќе бидат исполнети, рече Анѓушев.

„Во првата група на мерки ќе бидат мерки поврзани со вработувањето. Значи секој кој што ќе има нововработени лица во една фискална година ќе биде поддржан во следната фискална година. И тоа само под услов ако има раст на приходите и ненамалување на бројот на вработени. Истото ќе се однесува и за „браунфилд“ инвестициите. Потоа ќе има посебни мерки кои што ќе се однесуваат на извозно ориентираните компании, ќе има посебни мерки за стартапите, за малите и средните претпријатија“, изјави Кочо Анѓушев, вицепремиер за економски прашања.  

Бизнисмените со многубројни прашања до Владата. Бараат реципроцитет во мерките со соседните земји, особено околу процедурите, средствата и времето потребно за регистрација на некој производ. Транспортерите бараат поддршка и повеќе ЦЕМТ дозволи затоа што голем број наши фирми се преселиле во Бугарија. Премиерот Заев најави директна поддршка на транспортерите преку унапредување на извозот, односно преку намалување на транспортните трошоци да се постигне поголема конурентност на странските пазари.

Германија со години е најзначаен надворешно- трговски партнер на македонските компании, со која бележиме значаен суфицит во размената.

За седумте месеци годинава нашиот извоз надминал милијарда 315 милиони евра, додека увозот достигнал 445 милиони. Најголем дел од извозот се производи на нашите фабрики за автомобилски делови и сетови за вградување.

Свето Николовски