Богата програма на ИФФК Браќа Манаки

15.09.2017 16:10

На една недела до почетокот на 38. ИФФК Браќа Манаки, организаторот ја обелодени програмската шема. Од стотината филмски остварувања поделени во 14 програмски целини, во официјалната компетиција ќе бидат прикажани 13 филмски дела. Годинешното издание ќе се памети по рекордното присуство дури на 10 кинематографери на филмовите во официјална конкуренција и проблемите што произлегоа од желбата кој да биде организатор на фестивалот...

На една недела до почетокот на 38-миот ИФФК Браќа Манаки, организаторот најави богата филмска програма и забрзано дефинирање на соработката со општината. Фестивалот идната сабота свечено ќе го отвори со македонско- бугарската копродукција „Насоки“, во режија на Стеван Командарев, а кинематографер е неговиот сонародник, Веселин Христов. Тој е само еден од селектираните 13 филмови што ќе ја претставуваат официјалната компетиција. Директорот на фестивалот вели дека квалитетот од година во година е сѐ подобар.

„Конкуренцијата е од силна- посилна, тоа го потврдува и фактот што нашите досегашни лауреати постојано се враќаат и носат нешто ново. Квалитетот го распределивме по земји, возрасни категории и жанрови. Фестивалот носи доајени на кинематографијата, но и служи за промоција на талентираните“, вели директорот на ИФФК Браќа Манаки, Благоја Куновски- Доре.

Печат на годинешново издание ќе биде и рекордното присуство на дури десетмина директори на фотографија од филмовите во официјална конкуренција, но и до последен момен пеглањето на проблемите произлезени од тоа кој треба да го организира фестивалот. Иако поканет на денешниот прес, не се појави битолскиот градоначалник со кој деновиве бил потпишан договорот, кој денеска по брза пошта теба да го добие.

„Сепак тој договор обврзува. Тие не можат да се повлечат зашто тоа е поминато на Општинскиот совет и манифестацијата е влезена како ставка во општинскиот буџет“, вели селекторката на документарната програма, Гена Теодосиевска.

Општината треба да партиципира со 150.000 денари за печатење на материјали, 250.000 за ефективни трошоци и една поголема ставка за хотелското сместување на гостите. Или со неодамна одобрните околу осум милиони денари од Агенцијата за филм, вкупниот буџет на фестивалот би бил нешто над девет милиони денари. Велат дека има доволно време сето тоа да се надмине, и во релаксирана состојба да започне годинешниот фестивал, чие мото е „Допри ја светлината“.

Стевче Митревски