Специјална награда златна „Камера 300“ за Милчо Манчевски

22.09.2017 12:08

Во предвечерието на 38-то фестивалско издание, организаторот информира дека наградата на Манчевски ќе му биде врачена на свеченото затворање на фестивалот...

Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, специјалната награда златна „Камера 300“, за особен придонес во светската филмска уметност за 2017-та, ќе ја додели на македонскиот и светски режисер и сценарист, Милчо Манчевски. Наградата на Манчевски ќе му биде врачена на свеченото затворање на фестивалот.

Македонската историја исто колку и историјата на македонската кинематографија, доби сосема нова насока оној ден кога во Венеција, престижната статуетка „Златен лав“ отиде во рацете на Манчевски и уште повеќе оној ден кога Џерeми Ајронс на церемонијата на доделување на Оскарите, го изговори јасно и гласно името на македонскиот режисер и името на нашата држава, Република Македонија.

Манчевски е автор на повеќе од шеесет филмски дела, кусометражни, играни и документарни филмови, видео-спотови, рекламни и долгометражни филмски сценарија, а најновиот негов филмски производ, краткиот филм „Крајот на времето“ премиерно ќе биде емитуван утревечер на ИФФК „Браќа Манаки“ во Битола.