Бошњаковски: Во финална фаза реформите на безбедносниот систем

12.10.2017 12:20

Мислењето од последната владина седница до Уставниот суд за запирање на постапката за оценување на уставноста на членот 175 од Законот за електронски комуникации, како што наведе владиниот портпарол, е во насока да не се прави двојна работа...

Во финална фаза се реформите на Управата за безбедност и контраразузнавање и Законот за следење на комуникациите, информираше владиниот портпарол Бошњаковски. Вели дека овие реформи се клучни за да не се повтори злоупотребата на системот. Во изготвувањето на предлог- законот ќе бидат вклучени меѓународни и домашни експерти, а наредната фаза предвидува и јавна дебата со сите засегнати страни.

„Владата интензивно работи на реформите на Управата за безбедност и комуникации и на Законот за следење на електронските комуникации, кои се во финална фаза. Со Планот 3-6-9, уште пред два и пол месеца најавивме дека овие реформи се едни од клучните, за никогаш да не се повтори тоа што се случуваше во Македонија“, изјави Бошњаковски.

Мислењето од последната владина седница до Уставниот суд за запирање на постапката за оценување на уставноста на членот 175 од Законот за електронски комуникации, како што наведе владиниот портпарол, е во насока да не се прави двојна работа, односно да нема парцијални решенија, сѐ додека не го имаме конкретното специфично, реформско системско решение.