Раната бременост и детските бракови последица на сиромаштијата

17.10.2017 10:30

На Меѓународниот ден на сиромаштијата, Фондот за население при Обединетите Нации го објави најновиот извештај за состојбата на светското население. Во извештајот насловен „Два различни света - репродуктивно здравје и права во време на нееднаквост“, раната бременост и детските бракови, се последица главно, на сиромаштијата. Каква е ситуацијата во Македонија?

Се омажила на 16, а веќе на 17 години станала мајка. 23- годишната Едије Сулејманоска од прилепското маало „Три Багреми“ има четири деца, живее во неформален брак и во голема сиромаштија. Вели, не ги послушала родителите. 

Според последниот извештај на УНИЦЕФ, четири насто од девојчињата во Македонија, од 15 до 19 години се во брак или живеат во заедница. Кај Македонците е 2, кај Албанците 6, а кај Ромите 22 насто. Слична е ситуацијата со раната бременост. За граѓаните, постои свеста за контрацепција, но и проблемот.

Во извештајот на Фондот за население при Обединетите нации, посветен на репродуктивното здравје, главна причина е сиромаштијата. Невладината РОМА С.О.С. доставила предлог измени на Законите за семејство, за образование и во Кривичниот законик.

Фондот за население при Обединетите нации  бара намалување на нееднаквоста во сексуалното и репродуктивното здравје.

 

Елизабета Митреска