Во понеделник ќе се знае дали „Фени“ ќе оди во стечај

09.11.2017 14:58

Ќе се чека 13-ти ноември за решавање на судбината на комбинатот за производство на фероникел- „Фени“. Дотогаш протестот е во мирување, велат во Синдикатот кој со првите луѓе на Кавадарци имаа средба во владата со вицепремиерот Анѓушев...

Синдикатот на „Фени индустри“ по средбата во Владата, од вработените ќе побара протестот да го стават во мирување сѐ до понеделник, кога ќе се знае дали компанијата ќе оди во стечај. Од Синдикатот на индустријата енергетиката и рударството посочуваат дека Владата треба да се грижи за вработените.

Да нема прекин на работниот однос побараа вработените од „Фени“. Работниците незадоволни од тоа што неколку банки доверители побараа стечајна постапка, изутрината два часа го блокираа патот Градско- Прилеп.

Може да има стечај, само да не останеме на улица“, вели Убавко Димчов.

Нас не не интересира кој инвеститор ќе биде, само да работиме. Имаме поволни цени работевме со осум долари сега е никелот 13 што е профитабилно“, вели Душко Николовски.

Со соопштение се огласи привремениот стечаен управник Мирослав Анастасиевски кој посочи дека во финална фаза е изготвувањето на Извештајот за спроведена претходна постапка кој ќе биде поднесен до Основниот суд- Велес. Потврди дека „Фени индустри“ иако има добар бизнис потенцијал, отворањето на стечајна постапка е единствен начин за зачувување на имотот, и решение за рестартирање на компанијата.

Во „Фени“ има 850 вработени. Предлогот за стечај го поднесоа Комерцијална банка, Стопанска банка- Скопје и Силк Роуд банка, како најголеми доверители кои имаат побарувања од 40 милиони евра.

 

Дијана Ценевска