Осуда за нападот врз лекарот, се трага по сторителот

10.11.2017 12:33

Лекарската комора го осудува вчерашниот напад врз лекарот од Клиниката за токсикологија. Еснафот бара гаранции за безбедноста на персоналот во Клиничкиот центар.

Првиот човек на Токсикологија со осуда за нападот врз лекарот. Потврди дека бил извршен половина час пред почетокот на дежурството, а не за време на смената.

„Заедно со колешката Калина го посетивме во утринските часови, за среќа колегата е во добра здравствена состојба, се работи за вонживотна опасност, така што се надеваме дека деновиве ќе биде пуштен на домашно лекување“, изјави д-р Нико Беќаровски, директор на Клиниката за токсикологија.

Во Клиничкиот центар има обезбедување кое треба да се грижи за безбедноста на персоналот, нагласи директорот на Токсикологија.  Со ист став за ваквите напади е и Лекарската комора на Македонија.

„Никакво насилство не треба да се толерира, особено не врз доктори, за тоа имаме и соработка со Министерство за здравство и со останатите комори да го спречиме насилството. Јас длабоко верувам во системот на оваа држава, и да оставиме институциите на системот да го проследат понатаму, сето ова околу овој немил настан“, изјави д-р Калина Старделова – Гривчева, претседател на Лекарската комора на Македонија.

Од Комората велат дека лекарите секојдневно се изложени на вербални напади. Лекарот, што синоќа беше нападнат на влез во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ е надвор од животна опасност. Тој беше прободен со нож во пределот на грбот.

 

Наташа Јанчиќ