Осуда за напдот врз лекарот од Токсикологија

10.11.2017 14:30

Лекарската комора го осудува вчерашниот напад врз лекарот од Клиниката за токсикологија. Еснафот бара гаранции за безбедноста на персоналот во Клиничкиот центар.

48- годишниот лекар од Слупчане, вработен на скопска Токсикологија со остар предмет бил ранет во стомакот и во грбот. Инцидентот се случил на улицата „Мајка Тереза“. Во полиција било пријавено во 19 часот и 50 минути. МВР извести- се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Првиот човек на Токсикологија го осуди нападот врз нивниот вработен. Потврди дека бил извршен половина час пред почетокот на дежурството.

„Заедно со колешката Калина го посетивме во утринските часови, за среќа колегата е во добра здравствена состојба, се работи за вонживотна опасност, така што се надеваме дека деновиве ќе биде пуштен на домашно лекување“, изјави д-р Нико Беќаровски, директор на Клиниката за токсикологија.

Во рамкитe на Клиничкиот центар има клиничко обезбедување, а веќе се размислува да се воведе и на самата Клиника за токсилогија – открива директорот, иако вели дека е проблем наследената финансиска состојба.

И Лекарската комора на Македонија го осуди нападот.

„Никакво насилство не треба да се толерира, особено не врз доктори, за тоа имаме и соработка со Министерство за здравство и со останатите комори да го спречиме насилството. Јас длабоко верувам во системот на оваа држава, и да оставиме институциите на системот да го проследат понатаму, сето ова околу овој немил настан“, изјави д-р Калина Старделова – Гривчева, претседател на Лекарската комора на Македонија.

Од Комората велат дека лекарите секојдневно се изложени на вербални напади.

 

Наташа Јанчиќ