Со „Жан Моне“ до партиски компромис

10.11.2017 15:02

„Жан Моне“ не е замена на договорот од Пржино, тврди известителот на Европскиот парламент за Македонија, словенечкиот европратеник Иво Вајгл. Последната недела на јануари следната година, претставници на политичките партии, европратеници, експерти од ЕУ, заедно со еврокомесарот за проширување и добрососедска политика Хан и претставници на францускиот Парламент и на Владата во Париз ќе го почнат процесот на меѓусебен дијалог...

Проектот „Жан Моне“ не е замена за договорот од Пржино и тој останува онака како што е. Новиот институт треба да биде дијалог меѓу европскиот и македонскиот Парламент, рече Иво Вајгл, известувачот за Македонија од Европскиот парламент.

Средбата на парламентарните партии со присуство на европските претставници и на француските власти треба да се одржи последната недела од јануари во куќата на Жан Моне близу Париз, без присуство на медиуми. Како што објасни европратеникот, според планираното, на состанокот треба да присуствува по еден координатор, пратеник и член на службата од секоја партија во Парламентот.

Според Вајгл, на маса ќе бидат три теми- собранискиот деловник, етичкиот кодекс на пратениците и владеењето на правото. По средбата со спикерот Џафери, рече дека е охрабрен од атмосферата што можел да ја почувствува на средбите со претставниците на политичките партии. Вајгл додаде дека преовладува духот на заемна соработка, почит и расположеност, а се работи во полза на земјата.

„Одредени политички групи го потврдија своето присуство, одредени начелно го потврдија. Во наредните две недели би имале конкретен датум кога би се одржала конференцијата, секако ќе чекаме не само на начелна усна потврда, туку и на конкретна потврда од сите политички партии“, изјави Иво Вајгл, известувач за Македонија во Европскиот парламент.

Според претседателот на Собранието, постои подготвеност за конструктивен придонес од сите парламентарни партии за отворен дијалог за прашањата од взаемен интерес за иднината на земјава.

„Собранието е подготвено да ги следи сите препораки на ЕУ, и во тој контекст да ги спроведе во целост. Сите тие препораки се во полза на нашите институции, на нашата држава и во полза на нашите граѓани“, рече претседателот на Собранието, Талат Џафери.

По средбата во Париз, како што најави европратеникот, не се искулува натамошните состаноци да се одржуваат во друга европска престолнина или во Скопје.

 

Игор Панов