Недостиг на вода во Прилеп

10.11.2017 15:53

Во Прилеп се чувствува недостигот од вода од Студенчица. Водоснабдувањето е нарушено, но не и критично констатираат локалните власти и од комуналното претпријатие. Има мали рестрикции и засега не се планираат големи. Моменталното решение се гледа во правилната распределба на водата од Студенчица.

Сушна година, малку врнежи - и прилепчани имаат проблеми со водоснабдувањето. Студенчица  се симна на најниското ниво, незапметено досега - до 510 литри во секунда. За Прилеп, како последна од петте општини пристигнуваат 100-ина литри, а за викендите, кога потрошувачката е голема, и помалку.

Во функција се сопствените извори кои носат уште 160 литри. Водоснабдувањето е нарушено но, засега - не е критично. По неколку часа се намалува дотокот од едни населби, за да има во високите зони.

Локалните власти со став- решение е праведната распределба од Студенчица од која 30 насто од количествата треба да доаѓаат за Прилеп.

Штедењето, но и складирањето вода, особено за високите зони, е препорака да се помине овој кризен период.

Засега не се размислува за големи рестрикции, но се ќе зависи, посебно за Студенчица,  од временските прилики во наредниот период.

 

Елизабета Митреска