Анѓушев- Марфи: Владеењето на правото е предуслов за привлeкување на странскиот капитал

14.11.2017 10:01

Вицепремиерот Анѓушев го запозна сенаторот Марфи со реформските активности на Владата на Република Македонија, нагласувајќи ја силната посветеност кон што побрза евроатланска интеграција на земјата, соопштија од неговиот кабинет.

На маргините на првиот ден од Трансатлантскиот економски форум, насловен како „Градење на мостови на Медитеранот“, кој се одржува во Вашингтон, САД, вицепремиерот задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, оствари средба со Сенаторот Кристофер Марфи.

Вицепремиерот Анѓушев го запозна сенаторот Марфи со реформските  активности на Владата на Република Македонија, нагласувајќи ја силната посветеност кон што побрза евроатланска интеграција на земјата, соопштија од неговиот кабинет.

„Владеењето на правото е предуслов за привлекување на странски капитал. Владата од првиот ден ги превзеде сите чекори со кои се гарантира стабилна и поволна бизнис клима. Инвеститорите од Америка се добредојдени да инвестираат во Македонија“, нагласи Анѓушев.

Тој посочи дека Владата на Република Македонија е фокусирана кон целосно враќање на довербата на граѓаните во институциите и подвлече дека иднината на земјата е во членството во НАТО и во Европската  Унија.

Кристофер Скот Марфи е истакнат член на Комитетот за надворешни работи на Сенатот на САД и е одличен познавач на состојбите во региониот на Југоисточна Европа.

Марфи истакна дека САД ги подржува реформските процеси во Република Македонија, нагласувајќи го интересот на официјален Вашингтон за безбеден и стабилен регион, целосно интегриран во НАТО и во ЕУ.

Денес за време на Трансатлантскиот економски форум, вицепремиерот Анѓушев ќе има излагање на панелот: „Македонија: вртење на нова страница“.