Случај „Труст“

Сеад Кочан се изјасни за невин, судењето продолжува на 21-ви ноември

14.11.2017 14:36

Во Кривичниот суд почна рочиштето за случајот „Труст“. Првообвинетиот Сеад Кочан се изјасни за невин. Специјалниот обвинител Артан Ајро во актовка им ги донесе во судницата доказите на одбраната. Адвокатите пак, бараа од судот да закаже посебно рочиште на кое ќе можат да ги оспорат доказите, бидејќи според нив, голем дел не докажувале ништо и не биле поврзани со обвинението. Судијата го одби барањето на одбраната. Судењето продолжува на 21-ви ноември...

Бизнисменот Сеад Кочан и неговите двајца соработници не се чувствуваат виновни за тврдењето дека формирале конзоруциум, а потоа со лажни документи добиле тендер на ЕЛЕМ. Нивните бранители велат - немало повреди за Законот за јавните набавки. Адвокатот на третообвинетиот Сафет Ватиќ изјави дека неговиот клиент не бил играч од, како што рече, висок ков и немал капацитет за големи игри, па следствено на тоа бил неправедно обвинет.

Мотивот на тројката, рече обвинителот, не бил чесно да добијат тендер и да го ископаат потребниот јаглен и јаловина, туку со невистинита документација погазувајќи ги правилата на конкуренцијата да ископаат 17 милиони евра, со единствена цел – нивно енормно богатење.

Откако се пожалија дека не ги примиле сите докази, одбаната побара посебно рочиште, на кое како што рече, ќе ги соочат аргументите околу доказите. Судот ова барање го одби, но овозможи сите докази коишто адвокатите не ги примиле, на рака да им бидат дадени во судницата.

 

Анита Димитријевска