Активни мерки за вработување

14.11.2017 15:30

За активни мерки и програми за вработување за 2018-та се издвоени 760 милиони денари, што е повеќе од лани- вели министерката за труд и социјала, Царовска...

Средствата за активни мерки и програми за вработување во ресорот за труд и социјална политика за наредната година ќе изнесуваат 12,3 милиони евра. Досега повеќе владини институции, но и невладини организации и странски донатори имаа посебни програми за мерки за вработување, поради што немаше координација и согледување за нивните ефекти. Министерката Царовска најави дека во 2018-та, поради подобра ефикасност тие ќе бидат сконцентрирани во еден пакет.

„За наредната година е многу важно да знаете дека сите засегнати страни ги собравме заедно, со тоа што има многу донаторски средства кои што се даваат за активација помеѓу кои: Швајцарската амбасада и УСАИД исто така. Со тоа што сите ќе ги направиме во еден заеднички пакет, нов оперативен план за вработување во кој ќе се вклучат сите буџетски и небуџетски средства и ќе биде јавно презентиран. Многу е важно да немаме мерки што се расфрлани, даваат ефекти или не даваат ефект. Вака ќе можеме сите заедно, како држава да ги следиме и да ги погледнеме ефектите на крајот од годината. Во моментов вие ќе видите дека Владата има свој оперативен план, имаме доста донатори со свои оперативни планови“, изјави министерката Мила Царовска.

Активните мерки за вработување се реализираат во партнерство со Програмата за развој на Обединетите нации.

„Се соочуваме со еден парадокс во земјата, каде што има побарувачка за квалификувана работна сила што бизнис секторот не може да ја обезбеди за да ја изврши соодветно својата работа“, вели Луиза Винтон, постојан претставник на УНДП во Репубика Македонија.

Од Агенцијата за вработување велат дека се повеќе пасивни баратели на работа се префрлаат на листата на лица кои што активно бараат работа, за да можат да ги користат мерките за вработување.

„Некаде околу 100.000 лица се евидентирани како невработени во моментов. Со тоа што условно кажано 90.000 се оние други баратели на работа, ние ги велиме пасивни баратели на работа“, изјави Билјана Јовановска, директор на Агенцијата за вработување на Р. Македонија.

Во над 90 насто случаи на вработените им се исплаќа плата поголема од минималецот, а фирмите притоа не користеле финансиска поддршка за оваа намена. Доколку има злоупотреби и газдите ги бараат парите од вработените, тие треба веднаш да пријават, затоа што станува збор за кривично дело. Одредени гранки кои се соочуваат со проблеми треба да побараат поддршка од државата, за да се креираат посевни мерки за нив, изјави Царовска.

Свето Николовски