Љубљана

Словенија се надева дека Македонија набргу ќе стане членка на НАТО и ќе почне преговори со ЕУ

14.11.2017 15:44

Словенија се надева дека Македонија набргу ќе стане членка на НАТО и ќе ги почне преговорите со Европската унија- земјава ги продолжува реформските процеси и ќе гради добри односи со соседите за да стигне до целта. Во Љубљана средба Заев- Пахор. Македонскиот премиер најави интензивирање на разговорите за името и финален обид за затворање на спорот.

Реформите, добрососедските односи и евро-атлантските процеси се дел од темите за кои што македонскиот премиер Зоран Заев информирал на средбата со словенечкиот претседател Борут Пахор. Од негова страна пак, била искажана надеж дека Македонија набргу ќе стане членка на НАТО и ќе ги почне пристапните преговори со ЕУ.

Заев најави интензивирање на разговорите за името во ноември и средба на преговарачите и медијаторот Метју Нимиц на крајот на месецот.

Логично беше по завршувањето на локалните избори да се направи нов обид за решавање на проблемот што Грција го има со нашето уставно име, истакна Заев од Словенија, изразувајќи надеж дека ова ќе биде и последен обид со конечна цел постигнување на решение.

Ние во Македонија се обидуваме да изградиме национален консензус, сите, Претседателот на државата, Владата, опозицијата, но во функција на наоѓање решение, а не на негово одложување. Навистина градиме пријателски односи и со Република Грција. И во ваква пријателска атмосфера, јас верувам лично, искрено, верувам дека може да се најде решение и на ова горливо прашање“, изјави премиерот Заев.

Со оптимистички прогнози за решавање на прашањето во првата половина на 2018-та година излезе и шефот на грчката дпломатија Никос Коѕијас. Грчките медиуми повикувајќи се на дипломатски извори, неодамна објавија и дека постои точно утврден распоред во процесот на постигнување на решение, во чии рамки е предвидено отстранување на дел од спомениците од Скопје 2014-та, како и преименување на скопскиот аеродром „Александар Велики“ и истоимениот автопат.

 

Марија Котовска