Здравство

Расте бројот на болни од ХОББ

14.11.2017 16:50

Пушењето и загадениот воздух го зголемуваат бројот на луѓе, кои страдаат од хронична опструктивна белодробна болест. Се намалува и старосната граница на пациентите. Лекарите советуваат- клучна е раната дијагностика...

Од пет до десет проценти од населението во земјава боледува од Хронично опструктивна белодробна болест, или околу 147 илјади граѓани. Најголем предизвикувач е пушењето. Директорот на Клиниката за пулмологија, доктор Докиќ објаснува дека оваа болест е четврта причина за смртност во светот. 

Пулмолозите апелираат да се набават лекови кои ќе им помогнат на пушачите да се одвикнат од навиката и да се прават скрининзи, за да се утврди дали постои сомнение за оваа или други болести.

Важно е раното откривање на болеста, посочуваат докторите. Колку порано се интервенира, толку се поголеми шансите на пациентите за подолг и поквалитетен живот.

На Клиниката за пулмологија ќе се организираат работилници за едукација на населението за ова заболување.

Андријана Атанасовска