Субвенции во овоштарството

16.11.2017 10:32

Овоштарите субвенциите од државата ги добиваат по две основи. Парите се наменети за одржување на насадите и за предаденото овошје во домашните преработувачки капацитети.

Корисници на субвенциите во овоштарството се земјоделските стопанства кои имаат насадени површини од минимум 0,2 хектари.

Висината на директните плаќања е најголема и изнесува 90.000 денари по хектар за јагоди одгледувани во саксии во контролирани услови, односно во оранжерии, а по 33.000 денари следуваат за другите видови овошје, како и за бадемите и за лешниците.

Земјоделците за оревите и костените кои претходно како нови насади биле финансирани од програмата за рурален развој, годинава за одржување добиваат субвенција од 15.000 денари по хектар.

За предаденото овошје во преработувачките капацитети директно или преку регистриран откупувач во периодот од 26-ти декември 2016 година до 25-ти декември 2017 година дополнително ќе се добијат по два денари за килограм.

 

Методија Трајков