Германија: Политичка криза по неуспехот за формирање влада

21.11.2017 13:04

Германија се подготвува за нови предвремени избори, но шефот на кабинетот на Меркел побара нов рок за формирање влада за можните коалициски партнери. Слободните демократи велат и натаму подобро е никаква влада, отколку таа што е против Германија.

Германската канцеларка Ангела Меркел се соочува со најголемата политичка криза во нејзината кариера по пропаѓањето на преговорите за формирање нова влада во земјата по септемвриските парламентарни избори. „Њујорк Тајмс“ оценува дека неуспехот на Меркел да обезбеди парламентарно мнозинство за формирање стабилна влада предизвикува потрес во политички и економски најмоќната држава во Европа.

„На Германија ѝ е потребна стабилност. Преку изборите ние го добивме мандатот. И денеска, една година подоцна решив повторно да се кандидирам како кандидат на Христијанската демократска унија. За време на кампањата постојано велев дека сум подготвена да и служам на Германија. Мојот обид да формирам влада беше неуспешен, но тоа не е причина да не си го одржам зборот“, рече канцеларката Меркел.

Германската канцеларка сѐ уште се надева дека ќе обезбеди парламентарно мнозинство за формирање влада, додавајќи дека ако биде ставена пред изборот малцинска влада или предвремени избори, би се решила за ново гласање за членови на Бундестагот.

„Њујорк Тајмс“ заклучува дека кризата, до која дојде само седум недели по парламентарните избори на кои во парламентот влезе и екстремната десничарска партија Алтернатива за Германија (АФД), во извесна смисла ја вратиле политиката во Германија, каде одамна немало дебати и политички несогласувања.

Според лондонски „Гардијан“, падот на влијанието на Меркел се должи на бегалската криза од 2015-та година, која предизвика несогласувања во владината коалиција. Германски „Велт“, пак, коментира дека неуспехот на Меркел да формира влада, сепак, има и добра страна, бидејќи може да донесе нешто ново. 

 

Марина Ристова