Откриен првиот меѓуѕвезден астероид

21.11.2017 13:17

Љубопитните астрономи од светските опсерватории во трка со времето поради првиот регистриран астероид кој од меѓуѕвездениот простор влезе во Сончевиот систем. Им претстојат опсежни анализи за новото вселенско откритие кое до 2019-та година се очекува да го напушти соларниот систем и да тргне кон соѕвездието Пегаз.

„Оумуамуа“, што во превод од хавајски јазик значи „Прв емисар“, е официјалното име на првото регистрирано тело од меѓуѕвездениот простор кое влегло во Сончевиот систем. Брзодвижечката вселенска карпа, за првпат беше забележана во октомври на Универзитетот во Хаваи во Хонолулу, со телескопот Пан- СТАР кој трага по тела кои се движат на мало растојание од планетата Земја.

Тоа беше еден посебен ден кога го откривме ова тело. Десет години чекавме да видиме објект од меѓуѕвездениот простор. Поточно, децении чекавме“, изајви Пол Чодасменаџер во оддел на НАСА.

Кога дознав за новото откритие бев многу возбудена од аспект на научник. Конечно успеавме да откриеме вакво небесно тело“, изјави Кели Фест, програмски менаџер во НАСА.

Предметот бил исфрлен од друг сончев систем. Во меѓуѕвездениот простор се движел стотици милиони, милијарди години“, додаде Чодас.

Астероидот се движи по ексцентрична патека која не е затворена орбита. Вртејќи се околу својата оска емитира светлина во регуларни временски циклуси, што според научниците од НАСА укажува на долгнавеста комплексна форма. Составен е од карпи и метал, има мало количество вода и мраз, а темноцрвената боја е резултат на долгогодишна радијација од космичките зраци.

 

Маја Филдишев