Три европски компании заинтересирани за „Фени“, ќе вршат увид во состојбата

21.11.2017 16:43

Три европски компании заинтересирани за „Фени“, откриваат трите банки доверители. Тврдат дека овие играчи имаат пари да го обноват производството. Се очекува да направат увид во комбинатот...

Три европски компании се заинтересирани за преземање на комбинатот „Фени“ од Кавадарци, соопштија трите банки кои што се најголеми доверители. Менаџерите на Комерцијална, Стопанска банка- Скопје и Силк роуд банката велат дека станува збор за сериозни, респектабилни компании, кои што добро го познаваат пазарот со метали и воедно имаат финансиска моќ да ги сервисираат обврските на „Фени“ и да вложат во рестартирање на производството на фероникел.

Се проценува дека на идниот инвеститор, во почетокот, ќе му бидат потребни најмалку 20 милиони евра. Доколку „Кунико“, досегашниот доминантен газда на „Фени“, заедно со бугарската „Енекод“, не прават правни опструкции и пролонгирање на стечајната постапка, трите банки очекуваат во најдобар случај за дваесеттина дена некој од потенцијалните инвеститори да достави понуда за преземање на „Фени“. Банкарите се оптимисти и очекуваат во почетокот инвеститорот да склучи договор за закуп на „Фени“ со стечајниот управник, за да може да го рестартира производството на фероникел и во меѓувреме да ја заокружи правната постапка за целосен влез во комбинатот, за што ќе бидат потребни неколку месеци.

Од утре до 29-ти ноември банкарите најавија посети на потенцијалните инвеститори на „Фени“ за да направат увид во состојбата на комбинатот, за да можат потоа да достават понуда за преземање.

Бугарската „Енекод“ нема финансиска моќ да го следи „Фени“ и не може да плати концентрат за производството, вреден 62 илјади евра, кој стои во Солун и секој ден се пресметува лежарина од 1.200 евра, брифираат банките.

Од 13-ти ноември бугарите ја прекинала испораката на струја на „Фени“, а долгот на комбинатот за одржување на постројките, за две недели, е зголемен за 240 илјади евра. Овие средства ги обезбедуваат банките доверители, а синдикатот на денешната средба го прифатил нивниот план за изнаоѓање квалитетен инвеситор кој би го презел комбинатот.

Во меѓувреме истекол и договорот за осигурување на постројките и на вработените во „Фени“, што е законска обврска, велат банките кои од комбинатот побаруваат 40 милиони евра.

 

Свето Николовски