Европа

Германија бара излез од кризата

21.11.2017 17:10

„Политичарите делумно да отстапат од своите партиски програми за да се постигне компромис“, претседателот на Бундестагот, Шојбле бара излез од кризата. Очите на Унијата вперени кон Берлин...

Германската канцеларка Ангела Меркел се соочува со најголемата политичка криза во нејзината кариера по пропаѓањето на преговорите за формирање нова влада во земјата по септемвриските парламентарни избори.

„На Германија и е потребна стабилност. Преку изборите ние го добивме мандатот. И денеска, една година подоцна решив повторно да се кандидирам како кандидат на Христијанската демократска унија. За време на кампањата постојано велев дека сум подготвена да и служам на Германија. Мојот обид да формирам влада беше неуспешен, но тоа не е причина да не си го одржам зборот“, изјави канцеларката Меркел.

Во германскиот парламент се очекува жестока расправа, откако пропаднаа преговорите за формирање на коалициска влада, предводени од Меркел. Пратениците на партијата Алтернатива за Германија (АФД) планираат да го искористат неуспехот на преговорите што беа водени меѓу Христијанско-демократска унија (ЦДУ), нејзината сестринска Христијанско-социјалната унија (ЦСУ), Слободната демократска партија (ФДП) и Зелените. 

„Потребно е разбирање за тешкиот чин на балансирање за сите оние кои носат политичка одговорност делумно да се отстранат од програмата на сопствената партија со цел да се постигне компромис за мнозинство“, изјави првиот човек на Бундестагот, Волфганг Шојбле.

„Она што не обединува е фактот што треба да го поддржиме претседателот на Германија да најде конститутивно разумно решение“, вели Петер Алтмајер, шеф на кабинетот на германската канцеларка.

„Г-ѓата Меркел има наредба да формира влада и ние имаме јасен став по тоа прашање. Сметаме дека големата коалиција на крајот немаше доволно важност и моќ како во изминатите години“, рече Андреа Нахлес, лидер на СДП.

Денешната седница на Бундестагот, ќе биде втора по ред каде пратениците на партијата Алтернатива за Германија ќе присуствуваат во парламентот откако нивната партија, како прва голема десничарска партија, влезе во парламентот од Втората Светска војна. 

 

Марина Ристова