Хашкиот трибунал ќе ја соопшти пресудата за Ратко Младиќ

22.11.2017 10:24

По три и пол години судење, Хашкиот трибунал треба да ја објави првостепената пресуда за некогашниот командант на војската на босанските срби, генерал ратко Младиќ, обвинет за геноцид. Хашкото обвинителство во декември 2016-та година побара од Судскиот совет да го осуди Младиќ на доживотен затвор. Одбраната бара ослободителна пресуда. Хашкиот трибунал згаснува до декември.

Поранешниот генерал на босанските Срби Ратко Младиќ ќе се соочи со одлуката на Хашкиот трибунал за воени злосторства. По речиси 4 години судски процес, Трибуналот треба да ја донесе првостепената пресуда.   Лани во декември, Обвинителството за него побара доживотен затвор, обвинувајќи го за геноцид врз муслиманите во Босна, прекршување на правилата на војување, и за масовни прогони. Младиќ тврдеше дека е невин, а неговиот адвокатски тим се обиде да ги оспори наводите на Обвинителството и исказите на сведоците.

Мислењата околу пресудата се поделени. Оштетената страна очекува правичност

„Пресудата за Младиќ ќе реши многу работи. Мртвите нема да ги вратиме, но барем ќе знаеме дека злото нема да го надвладее доброто“, изјави Сенида Каровиќ,  претседател на Здружението на цивилните жртви од војната од Сараево.

„Пред камерите, Младиќ им даваше чоколади на децата и нѐ убедуваше дека ништо нема да се случи. Кога заминаа, нареди да се убие, силува и протера секој од Сребреница за да направи етнички чист град. Босна и Херцеговина треба да доживее помирување со коректна и праведна пресуда“, вели Мунира Шубашиќ, претседател на Здружението на мајките од Сребреница.  

Поранешни затвореници од логорите се во Хаг за да присуствуваат на читањето на пресудата.

„Нема компензација ни за еден ден минат во логорот. Нѐ малтретираа на секој можен начин. Потешко ми беше да ги слушам криците на затворениците од соседните простории“, вели Мирсад Диздар, претседател на Здружението на поранешни затвореници во логор.

За Србија, Хаг е трибунал со полиитчка агенда.

„Во Хаг им се суди само на Србите. Ние знаеме што ќе им се случи.“

„Ова е политички трибунал против нас. Не е против Хрватите и жителите на Босна и Херцеговина.“

„Судиите се сѐ уште под влијание на западната пропаганда. Ратко Младиќ се однесуваше најчовечно што можеше со цел да ги спречи злосторствата“, изјави Бранко Лукиќ, адвокат на Ратко Младиќ.

По 24 години од формирањето, Меѓународниот суд за воени злосторства во поранешна Југославија ќе престане со работа до декември. Преостанатите постапки по жалбите, ревизиите и извршувањето на казни ги презема Механизмот за кривични судови.

 

Маја Филдишев