Хашкиот трибунал пресуди: Доживотен затвор за Ратко Младиќ

22.11.2017 14:42

Поранешниот генерал на босанските Срби, Ратко Младиќ е осуден на доживотна казна затвор поради воени злосторства во Југословенската војна. За босанските граѓани, пресудата беше очекувана. За српските, трибуналот спроведува политичка агенда. Хашкиот суд официјално се затвора на крајот на месецов...

По речиси четири години судски процес, Хашкиот трибунал пресече- доживотен затвор за поранешниот генерал на босанските Срби, Ратко Младиќ. Вина е констатирана за десет точки од обвинението. За последната точка, којашто се однесува на геноцид во седум општини во источна Босна, е ослободен. Судот потврди дека во Сребреница биле извршени масакр и масовни егзекуции.

Задоволен сум со поголемиот дел од пресудата и казната, не ни очекував нешто друго. Незадоволен сум што е ослободен по една точка, за општините каде што во 1992 година беа убиени над 3.000 луѓе во секоја од нив, иако имаа доказ за тоа. Оваа пресуда не е пресуда за целиот српски народ, туку за еден човек“, вели Мунир Хабибовиќ.

Завршивме долгогодишна борба. Од правен апсект, од 11 точки, Младиќ е осуден за 10, вклучувајќи го го и масакрот во Сребреница, што е голема работа“, изјави Мурат Тахировиќ, Здружение на сведоците на геноцидот.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ не е изненаден од предудата за Младиќ.

Ги повикувам граѓаните на Србија да гледаат во иднината, да размислуваат како ќе ги чуваме мирот и стабилноста во регионот. Не треба да се гушиме во солзите на минатото, туку со работа да создадеме подобра иднина за сите нас“, изјави Вучиќ.

Пред читањето на одлуката, Младиќ остро реагираше дека обвиненијата се лажни поради што беше отстранет од судницата. Инцидент се случи и пред трибуналот меѓу поддржувачите и опонентите на поранешниот генерал познат како „Касапот од Босна“ кој беше во бегство цели 16 години, пред да биде уапсен во 2011-та година во селото Лазарево, северно од Белград.

Со неговата пресуда за заокружува работата на Меѓународниот суд за воени злосторства во поранешна Југославија кој ќе престане официјално со работа до декември. Преостанатите постапки по жалбите, ревизиите и извршувањето на казни ги презема Механизмот за кривични судови.

 

Маја Филдишев