Сѐ уште траат усогласувањата за бесцарински увоз на литиумски батерии

22.11.2017 15:07

Економија и Финансии ги усогласат ставовите за намалувањето на царината за увоз на литиум- јонски батерии наменети за електрични возила и мерката да стапи во сила. Полска компанија, планира во земјава да произведува електрични автобуси и мопеди...

Сѐ уште Финансии и Економија ги усогласуваат ставовите околу предлог одлуката за бесцарински увоз на литиум- јонските акумулатори. Кастрењето на стапката институциите ја оправдуваат со практиката во Европската унија овие делови и возилата на електричен погон поради еколошките карактеристики да не се оцаринуваат.

„Министерството за економија оцени дека донесувањето на ваквата предлог мерка е оправдано со оглед дека истата се однесува за стока која не се произведува во земјата, стока која во Република Македонија има многу повисока царинска стапка во однос на царинската стапка за истата стока во земјите членки на ЕУ, како и стока која не ѝ штети на конкурентноста на домашната индустрија, туку напротив, ќе ја зголеми конкурентноста и ќе овозможи привлекување на странски инвестиции во оваа област“, велат од Министерството за економија.

По извршените корекции и дополнувања согласно барањата, чекаат мислење од Министерството за финансии. Од таму потврдуваат:

„Во тек е постапка за усогласување околу Одлуката за укинување на царината за литиум- јонски акумулатори помеѓу Министерството за финансии и Министерството за економија.“

На седми ноември владата ја донесе одлуката за укинување на царината, опозицијата обвини дека мерките се носат во интерес на компаниите на Анѓушев- вицепремиерот тврди, ова е барање од полска компанија што има намера да произведува електирчни автобуси и мопеди во земјава.

„Станува збор за компанија која што сака да произведува мопеди во Македонија и сите други производители на електрични возила да можат да увезуваат електрични батерии тоа се литиум- јонски батерии кои што служат како што се на пример во возилата Тесла и тие да бидат увезени со царини исти како во ЕУ. Бидејќи ние по грешка во нашиот закон имаме ставено царина од 15 проценти и со тоа производството не може да биде конкурентно“, посочува вицепремиерот за економски парашња, Анѓушев.

Анѓушев е оптимист и околу разврската за стечајната постапка за „Фени“. Очекува рестартирање на производството и целосно обештетување на помалите доверители. Изборот на новиот инвеститор е во рацете на судските власти, а најголемите доверители, трите банки треба да се договорат со новиот газда дел од долгот веднаш да им биде платен, дел реструктуиран.

Вицепремиерот тврди- „Кунико“ сегашниот сопственик го опструира процесот со барањето за изземање на Велешкиот суд. Следното рочиште е на 29- ти ноември. Во „Фени“, Швајцарскиот фонд ФОС Асет Менаџмент веќе ја скенира состојбата. Ова е првиот од трите заинтересирани компании за преземање на комбинатот.

Сузана Фиданска Стоевска