Полициска акција во австралиски бегалски камп на Папуа Нова Гвинеја

23.11.2017 13:19

Присилно се извлекуваат стотици мажи кои се плашат да излезат поради ксенофобичното расположение меѓу локалните жители. Австралија им плаќа на островските власти за сместување на илјадници азиланти кои со бродови сакаат да влезат на нејзината територија...

Полицијата во Папуа Нова Гвинеја влезе во австралискиот бегалски затвор на островот Манус, обидувајќи се да ги исфрли оние кои одбиваат да си заминат доброволно. Педесетина бегалци го напуштија кампот со автобуси, но 330 не сакаат да одат надвор поради опасноста од напади од локалните жители.

„Сум работела во постконфликтни зони. Условите кои ги затекнав таму се полоши од каде и да е. Центарот е преполн, луѓето спијат во бродски контејнери, немаат вода и храна. За нив е одговорна Австралија, во правна смисла. Делумно е одговорна и Папуа Нова Гвинеја, но Австралија ги принуди да дојдат“, изјави Шен Нарајанасами, директорка на „Гетап“.

Бегалскиот камп на островот Манус беше затворен на 31-ви октомври и оттогаш се прекинати водоснабдувањето, електричната енергија и доставата на храна. Клуч на врата беше ставен зашто Врховниот суд одлучи дека е против уставот австралиското сместување на бегалци на тоа место.

Австралија им плаќа на  властите на Папу Нова Гвинеја и малата пацифичка нација Науру за сместување на илјадници азиланти од Африка, Блискиот Исток и од Азија, кои од 2013 година со бродови се обидуваат да влезат на австралиска територија.

 

Маја Филдишев