Енергетика

ЕЛЕМ ќе користи пронајдок на студенти- иноватори

23.11.2017 15:10

Електрани на Македонија прва ќе го примени пронајдокот на тимот млади студенти кои беа наградени на глобалниот натпревар на американската вселенска агенција НАСА. Сензорот за мерење соларна енергија ќе биде користен при изборот на оптимална локација за фотоволтаична централа со моќност од 10 мегавати. Уредот ќе биде комерцијализиран најпрвин во земјава, а потоа ќе биде пласиран и на странскиот пазар.

Државната енергетска компанија „ЕЛЕМ“ прва ќе го примени пронајдокот на тимот млади студенти кои беа наградени на глобалниот натпревар на американската агенција НАСА. Сензорот за мерење соларна енергија ќе биде користен при изборот на оптимална локација за идната фотоволтаична централа со моќност од 10 мегавати, најави генералниот директор на ЕЛМ Драган Миновски.  

„Нивниот изум ќе биде искористен за да се утврди која локација е најпогодна за поставување на овие фотоволтаични електрани ,односно нашата фотоволтаична електрана,како и максимално искористување на сончевото зрачење, односно оснчевата енергија за производство на електрична енергија на целата територија на Р. Македонија“, изјави Драган Миновски, генерален директор на ЕЛЕМ АД Скопје.

ЕЛЕМ финансиски ќе го поддржи тимот на студенти- иноватори и ќе ги спонзорира нивните идни активности, настапот, промоцијата на пронајдокот надвор од земјава,како и неговото натамошно усовршување.

На пронајдокот работи тим од петмина млади пронаоѓачи, сега студенти на прва година на скопските факултети, додека еден од нив образованието го продолжил во Германија. Сензорот за мерење соларна енергија има практична примена при користењето на сончевата енергија, односно барањето оптимална локација за изградба на фотоволтаик.

„Функционалноста на продуктот е во помошта што им ја дава на идните инвеститори во фотоволтаици ,.за да проверат дали инвестицијата би се исплатела и за колкав временски период би се вратиле вложените средства“, изајви Александар Момироски- студент.

„Продуктот на кој работеше нашиот тим во изминатиот период дава одговор токму на тие прашања.Колку енергија би се добила,во кој период од денот и на годината на дадената локација и може да служи како алатка при креирање проекти од ваков тип“, вели Дамјан Постоловски- студент.

Уредот е самоодржлив и ќе биде комерцијализиран најпрво во земјава, а потоа ќе биде пласиран и на странскиот пазар, најавија младите иноватори. Од нив четворица студираат на македонски факултети, а еден образованието го продолжил во Германија. Од „Њу менс бизнис акцелераторот“ апелираат да се поддржат ваквите талентирани млади луѓе, за да помогнат во развој на потенцијалите на домашната економија.

Свето Николовски