Зимбабве

Крај на ерата на Мугабе, Мнангагва положи заклетва

24.11.2017 13:20

Мнангагва стана втор претседател откако Зимбабве доби независност. Тој положи заклетва пред десетици илјади луѓе на стадионот во Хараре.

Поранешниот потпретседател на Зимбабве, Емерсон Мнангагва положи заклетва како нов претседател на државата и го наследи Роберт Мугабе, кој што управуваше со земјата 37 години. Мнангагва стана втор претседател откако Зимбабве доби независност. Тој положи заклетва пред десетици илјади луѓе на стадионот во Хараре.

Без одмазда, заедништво, продуктивност. Мораме да произведуваме, ние сме земјоделска земја. Ние и припаѓаме на Лигата на нациите. Не сме во изолација, не сме остров. Мораме да изградиме нација врз осносва на тоа“, вели Стан Такаендиса, претприемач.

Мнангагва е поранешен близок соработник на Мугабе, но досегашниот претседател на почетокот на месецов го разреши од функцијата потпретседател под обвинение за „нелојалност“ откако влезе во отворен конфликт со неговата сопруга Грејс. Армијата интервенираше по разрешувањето на Мнангагва кој ужива поддршка од армискиот врв. Граѓаните на Зимбабве масовно ја поддржаа воената интервенција, бидејќи Мугабе, некогашниот херој на борбата за ослободување, стана непопуларен поради загрозувањето на човековите права и економската криза во земјата.

Медиумите објавија дека Мугабе поради умор можеби нема да присуствува на церемонијата на положувањето заклетва. На поранешниот претседател му е доделен имунитет со што е заштитен од судска постпка, а осигурана му е и безбедноста во неговиот дом, што беше и дел од договорот за да отстапи од власта.

Аналитичарите, сепак проценуваат дека Мнангагва нема да биде многу поразличен од Мугабе, бидејќи е дел од долгогодишната владејачка структура во земјата.

 

Марина Ристова