Европа

Политичка криза во Германија: Идната недела состанок за формирање широка коалиција

24.11.2017 15:44

Германскиот претседател Штајнмаер организира состанок за формирање широка коалиција. Треба да се одржи идната недела. Социјалдемократите велат дека се подготвени за преговори за излез од политичката криза...

Ќе има ли излез од двомесечната политичка криза во Германија предизвикана од неуспешните обиди на канцеларката Ангела Меркел да формира коалициска влада? Одговорот на прашањето најверојатно ќе се знае во текот на следната недела за кога е предвидена средба на лидерите на трите партии, ЦДУ, ЦСУ и СПД, што ќе се одржи на иницијатива на германскиот претседател Франк Валтер Штајнмаер.

„Мислам дека е во ред тоа што федералниот претседател сега ќе разговара со сите, но не сум во можност да предвидам што ќе произлезе од тоа. Во секој случај, состојбата не е воопшто лесна“, вели Сигмар Габриел, министер за надворешни работи на Германија.

Социјал демократската партија на Германија изрази подготвеност за преговори со цел излез од политичката кризашто претставува значителна отстапка од првичниот став дека поради изборниот неуспех тие се подготвени да одат во опозиција, после четири години учество во владеачката коалиција предводена од Христијанско демократската унија на Меркел.

Иако лидерот на социјалдемократите, Мартин Шулц го менува првичниот став дека нема да учествува во власта доколку е предводена од Меркел, позициите внатре во партијата се поделени.

Внатрешното партиско раководство на СПД дебатираше за ситуацијата во рамките на еден многу конструктивен и многу детален состанок. Во текот на осумте часови ние седнаме и многу отворено дискутиравме за придонесот што СПД може да го направи за формирање на влада, во која било форма. Во следните денови и недели ќе се одржат многу разговори, интензивно ќе разговараме за секој понатамошен чекор во рамките на партијата и на раководството“, изјави лидерот на СДП, Мартин Шулц.

Ваквиот развој на настаните доаѓа по неуспешните преговори на Меркал за составување влада со Либерал- демократите и Зелените.

 

Марија Котовска