Субвенции за невладини организации од областа на земјоделството

27.11.2017 10:22

До крајот на месецов здруженијата на граѓани од областа на земјоделството и руралниот развој, можат да доставуваат барања за финансирање на едукативни проекти. Потребната документација треба да се достави до Mинистерството за земјоделство. Еден корисник за еден проект може да добие најмногу до 50.000 евра.

Од Mинистерството за земјоделство можат да се побараат финансиски средства за подготовка и печатење на едукативни и информативни материјали, за трошоците за реализација на активностите на проект, за закуп на просторот за едукација и хонорари за стручните лица.

Право на учество на јавниот повик имаат здруженијата на граѓани регистрирани во Македонија. Максималниот износ на средства е до три милони денари од вредноста на прифатливите трошоци.

Барањето се доставува директно или преку пошта во министерството за земјоделство со програма за организацијата и време на одржување на настанот, бројот на учесниците, предвидените активности и потребни финансии за нивна реализација.

Избор и одобрување на барањето врши комисија на Mинистерството. Крајниот рок на доставување на барањето е до 30-ти ноември 2017-та година.

Методија Трајков