Европа

Германија: Политички ќорсокак или широка коалиција

27.11.2017 15:10

По неуспешните разговори за т.н. Јамајка коалиција со Слободните демократи и со Зелените, Демохристијаните на канцеларката Меркел бараат спас во сојуз со Социјалдемократите. Претседателот Штајнмајер в четврток ќе има средба со лидерите на сите парламентарни клубови во Бундестагот...

По четиричасовните раџзговори, водечките членови на Христијанско-демократската унија на германската канцеларка Ангела Меркел едногласно одлучија да продолжат со обидите за формирање на „голема коалиција“ со Социјалдемократската партија на Германија со цел да се спасат од политичкиот безизлез на најголемата економија во Европа. Четвртиот мандат на Меркел е под знак прашалник по фијаското на тристраните преговори со Партијата на слободните демократи и со Зелените, пред сè, поради различните ставови околу клучни прашања.

„ЦДУ сака стабилна влада. Подготвени сме да преговараме со Социјадемократската партија на Германија. На земјата ú треба стабилна влада што е можно поскоро за да одговори на предлозите за реформирање на ЕУ и да се справи со глобалната нестабилност“, изјави канцеларката Меркел.

Преговорите со Социјалдемократската партија веројатно ќе почнат на почетокот на 2018 година.

„За промената на ставот на СДП ќе се дискутира на партиската конференција за две недели, што значи дека разговорите за формирање коалиција нема да почнат пред зимската пауза. Важно е тие да се базираат врз темелност“, вели Јулија Клекнер, заменик- претседател на ЦДУ.

Иако по лошите резултати на септемврските избори Социјалдемократите најавуваа дека ќе останат во опозиција, лидерот Мартин Шулц изрази подготвеност за разговори. Големата коалиција се гледа како подобра опција и од планираната тристрана коалиција и од распишувањето на нови избори.

Ултрадесничарите од „Алтернатива за Германија“ (АФД) тврдат дека опаѓањето на поддршката за Меркел е доказ за нивната растечка моќ откако за прв пат успеаја да влезат во Бундестагот и станаа тетата политичка сила во земјата.

Германскиот претседател Франк- Валтер Штајнмјаер најави средба неделава со лидерите на Зелените и на Левичарската партија, за да ги поттикне новите преговори.

 

Маја Филдишев