Вашингтон

Тилерсон останува на чело на Стејт Департментот

01.12.2017 10:36

Портпаролката на Белата Куќа, Сара Сандерс изјави дека Тилерсон продолжува да го води Стејт Департментот и дека целата Влада е фокусирана на завршување на неверојатно успешната прва година од администрацијата на Трамп.

Белата Куќа сооопшти дека Рекс Тилерсон останува на чело на Стејт Департментот, откако се појавија шпекулации дека на негово место, како шеф на американската дипломатија може да дојде директорот на ЦИА, Мајк Помпео. Портпаролката на Белата Куќа, Сара Сандерс изјави дека Тилерсон продолжува да го води Стејт Департментот и дека целата Влада е фокусирана на завршување на неверојатно успешната прва година од администрацијата на Трамп.

„Тој е овде, Рекс е овде. Не се согласуваме за неколку нешта. Понекогаш сакам да е малку построг“, изјави претседателот на САД, Доналд Трамп.

Претходно „Њујорк Тајмс“, повикувајќи се на анонимни извори во американската администрација, јави дека Белата Куќа разгледува план за замена на државниот секретар Рекс Тилерсон со директорот на ЦИА, Мајк Помпео. Според весникот, Белата Куќа подготвила план за отстранување на Тилерсон, за кој се тврди дека е во затегнати односи со американскиот претседател Доналд Трамп. Американскиот претседател Доналд Трамп одби да ги коментира таквите наводи.

„Никогаш не помислив да си заминам. Ќе останам додека претседателот смета дека можам да ги исполнувам неговите цели“, изјави државниот секретар Тилерсон.

Сенаторот Боб Коркер, по разговор со Тилерсон, изјави дека државниот секретар не знае за плановите за негово сменување. 

„Веќе некое време е очигледно дека некој сака да го поткопа неговото присуство овде. Не знам кој е тој“, изјави сенаторот Боб Коркер.

Американските медиуми потсетуваат дека во однос на Северна Кореја, Тилерсон се заложи за дипломатски пристап, за што американскиоте претседател смета дека е „губење време“. Државниот секретар, исто така, го бранеше договорот за Иранската нуклеарна програма, а Трамп истиот го доведе во прашање.

Марина Ристова