Нова инвестиција

Турска компанија од автомобилската индустрија ќе инвестира 6,6 милиони евра во Македонија

01.12.2017 16:34

По преговори од осум месеци, нова турска компанија од автомобилската индустрија ќе инвестира 6,6 милиони евра во Македонија. Во најава нови 300 работни места. Според вицепремиерот Анѓушев политичката состојба во идниот период нема да влијае на одлуките на странските инвеститори. Најави дека во моментов се преговара со 19 компании...

Турска компанија од автомобилската индустрија од февруари идната година почнува да ја гради фабриката во Технолошко- индустриската зона во Скопје. Ќе инвестира 6,6 милиони евра и за почеток ќе вработи 300 луѓе, најави директорот на ТИРЗ, Александар Младеновски. Компанијата ќе произведува делови за автомобили кои ќе се продаваат на европскиот пазар.

Од турската компанија „Мурат Тиџерет“ велат дека токму поволната бизнис- клима и положбата на земјата биле причина компанијата да ја донесе оваа одлука.

Според вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев, продолжува привлекувањето на странските инвеститори. За идната година во буџетот се планирани 46 проценти повеќе средства за инвестиции и во економијата. Дефинирана е програмата за државна помош која секоја компанија ќе ја добие според условите што ги исполнува, рече Анѓушев.

Според Анѓушев, политичката состојба во идниот период нема да влијае на одлуките на странските инвеститори. Најави дека во моментов се преговара со 19 компании.

 

Дијана Ценевска