Развој на руралниот туризам со едуцирани кадри

04.12.2017 10:40

Иако има голем број невработени лица кои завршиле средно или високо образование од областа на туризмот, работодавците се жалат на недостиг на работна сила со потребните вештини. Експертите сметаат дека очигледно недостига пракса во формалното образование, но вина носат и работодавците кои не сакаат да вложуваат во надоградувањето на знаењата на своите вработени...

Во Македонија има недостиг од квалитетен и обучен кадар во областа на туризмот. Тоа е голем хендикеп ако се знае дека оваа стопанска гранка е една од најбрзо растечките во економијата, со огромен потенцијал за креирање на нови работни места, особено во руралните средини. Ова е ставот на експертите од Германското друштво за меѓународна соработка- ГИЗ, кои преку обуки на кадри и финансиска подршка за започнување на мали бизниси се обидуваат да помогнат за надминување на ваквите состојби.

„Германија го препозна потенцијалот во развојот на авантуристичкиот и планинскиот туризам. Затоа нашата цел е да ги подржиме руралните средини во Југоисточна Европа и на тој начин да овозможиме извор на приходи и работни места во помалку развиените средини“, изјави Бенџамин Мор, Германско друштво за меѓународна соработка - ГИЗ.

Формалното образование создава кадри кои се премногу теоретски подготвени, но немаат пракса. Поради тоа има огромен број невработени образовани кадри, а од друга страна има голема побарувачка на пазарот на труд.

„Сметам дека и работодавците не инвестираат доволно во своите кадри, затоа што тие сметаат дека треба да добијат подготвени кадри што не е точно, бидеќи и тие самите треба постојано да вложуваат во тој човечки капитал. Тоа е многу важно. И нормално голем проблем е што се работи за ниски плати. Навистина ми е алармантно што имаме дефицитарни кадри, а од друга страна ниски плати“, вели проф. д-р Ангела Крстаноска Василеска, Факултет за туризам и угостителство-Охрид.

Проектот на ГИЗ отвори многу прашања и околу одливот на обучени кадри во странство. Засега нема прецизни статистички податоци, но работодавачите треба да поразмислат зошто оние најобразованите и најквалитетните ја напуштаат земјата. Тоа сигурно не се случува заради тоа што имаат добри услови за работа и плати со кои правилно се вреднуваат нивните вештини и знаења.

 

Сашо Нелоски