Европа

Тереза Меј во Брисел на преговори за Брегзит

04.12.2017 12:44

Британската премиерка на преговори за излез од ЕУ во Брисел. Најавени се средби со клучните луѓе од Европската комисија, а на истекот од рокот што на Британија ѝ го даде Доналд Туск.

Британската премиерка Тереза Меј денеска во Брисел ќе преговара со клучните лица на ЕУ, кои би можеле да бидат решавачки за тоа дали Британија е способна да влезе во нова фаза од трговските разговори со Унијата.

Британските медиуми пишуваат дека во текот на викендот биле постигнати договори меѓу Лондон и Брисел за „трошоците за разводот“, кои треба да ги плати британската страна, како и околу правата на граѓаните.

Се очекува Меј да се сретне со претседателите на Европската комисија и на Европскиот совет, Жан-Клод Јункер и Доналд Туск, а на преговорите ќе ја придружува државниот секретар за Брегзит, Дејвид Дејвис.

Ирскиот министер за надворешни работи Сајмон Ковни, изјави дека сѐ уште не е постигнат договор меѓу Велика Британија и Ирска за иднината на северноирската граница по Брегзит, но додаде дека е можен пробој во преговорите подоцна во текот на денот.

Според него, разговорите меѓу Лондон и Даблин се на чувствителна позиција, а британската и ирската влада ги разгледуваат сите можни верзии на договорот кој е предуслов за Велика Британија за да премине на следната фаза во преговорите со ЕУ за Брегзит.

Од  „Даунинг стрит“ порачуваат дека ќе следуваат „повеќе разговори“, и дека се чувствува „умерен оптимизам“.

Доаѓањето на Меј се совпаѓа со истекот на рокот, кој Туск ѝ го даде за да ја изнесе подобрената понуда поврзана со условите за британско повлекување од ЕУ.

 

Марина Ристова