Бејли: Мора да има борба против корупцијата

04.12.2017 15:07

Ние сите признаваме дека оставајќи ја Македонија надвор од НАТО, што никогаш не било наша политика, носи очигледни ризици кон земјата и кон регионот, изјави американскиот амбасадор Џес Бејли. Ние работиме напорно, за да направиме регион на стабилност, просперитет и на демократија, и сакаме Македонија да напредува, рече Бејли, за кого е позитивен потег најавата за почеток на разговорите за името со Грција...

Борбата против корупцијата е тешка, но мора да ја има. За тоа е потребна индивидуална волја на секој еден во опшеството. Вие сите во иднина треба да ѝ се спротивставите на корупцијата почитувајќи го владеењето на правото, избегнувајќи го непотизмот, водејќи се од Законите. Ваква порака испрати до студентите и професорите амбасадорот на САД, Џес Бејли при неговото предавање од областа на борбата против корупцијата на Факултетот за безбедност. Како не треба да се постапува, Бејли го посочи примерот со Државната изборна комисија, чии членови иако од различни партии и етнички заедници на изборите си поделиле по четири плати. Можеби било легално, но дилемата е зошто зад затворена врата?

Бејли посочи дека сѐ што е нотирано како слабост на петходната власт треба да го поправи актуелната. Реформите во правосудството, слободата на говорот, сузбивањето на корупцијата, воспоставување на владеењето на правото и подобрување на односите со соседите, е тоа што ќе и помогне многу на земјава за влез во ЕУ и НАТО, рече Бејли.

„Позитивен потег се разговорите за името со Грција. Со почеток на разговорите за ова, за што се надевам, ќе има средби набрзо. Ние сите признаваме дека оставајќи ја Македонија надвор од НАТО, што никогаш не било наша политика, носи очигледни ризици кон земјата и кон регионот. На тоа нешто ние работиме напорно, за да направиме регион на стабилност, просперитет и демократија, и сакаме Македонија да напредува кон тоа“, рече американскиот амбасадор во земјава, Џес Бејли.

Одговорајќи на прашања, меѓудругото Бејли посочи дека САД се ангажирани и во Македонија и на Балканот и дека тоа е навистина силен ангажман на САД во регионот. Сега имаме цврст став дека работиме со ЕУ и другите овде за стабилност, просперитет и демократија, некој се согласува некој, не за ова, но ние сакаме да видиме јасна иднина за Македонија.

 

Фиљана Кока