Политика

На 23-ти декември вонреден конгрес на ВМРО-ДПМНЕ

04.12.2017 15:59

Извршниот му предлага датум на Централниот комитет за одржување вонреден конгрес на ВМРО- ДПМНЕ. На 23-ти декември ќе се решава за понудената оставка на Груевски. Опозицијата продолжува со блокади и протести...

По најавата на актуелниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски за преземање на одговорноста за локалните избори на вонреден конгрес, Извршниот комитет вчеравечер му предложи на Централниот комитет, на следната седница да почне постапка за негово организирање. Како датум е посочен 23-ти декември.

Според статутот на партијата, набрзо се очекува да се одржи седницата на највисокиот партиски орган меѓу двата конгреса.

Инаку, на синоќешната седница членовите на Комитетот најостро ги осудија политички монтираните обвиненија за тероризам и, како што соопштуваат, неоснованите притвори за партиските членови, уметниците, актерите и другите лица осомничени за терористичко загрозување на уставниот поредок.

„Ваквото безумие од СДС ја турка државата во уште подлабока криза, и затоа мора да се преземат идни чекори со кои ќе се стави крај на политичкиот прогон и на политичкиот реваншизам“, заклучува во соопштението Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.

Премиерот Заев вчера не сакаше да ги коментира внатрешните состојби во ВМРО-ДПМНЕ, но сепак изјави дека на земјава ѝ е потребна силна и конструктивна опозиција за што поодговорно владеење и реформи.

Игор Панов